Археолошки истражувања Тумба Маџари 2008

Во програмата за работа на Музејот на Македонија за 2008 година е планирано продолжувањето на систематските археолошки истражувања на неолитската населба Тумба Маџари во Скопје. Проектот “Археолошки истражувања на неолитската населба Тумба Маџари” оваа година започна да се реализира на 05.05.2008 год.
Истражувањата продолжија да се вршат во Кв. G 1,2,3 и H 1,2,3 истражувани во 2007 година. Истражувањата ќе продолжат и во соседните квадрати Кв. I 1-I 3. Целта на истражувањата е доистражување на куќниот лепеж и објектите кои засега се определуваат како подници/црепни за печење погачи/леб, откриени во назначениот простор и оваа археолошка ситуација да се следи со цел евентуално да се фиксира габаритот на објектот на кој му припаѓаат, за да се добие јасна позиција на неговата основа и големина. Исто така особено е важно за неговата културна и хронолошка детерминација да се откријат керамички, кремени и камени артефакти, потоа разен остеолошки материјал, евентуално семиња и друго, интересни и атрактивни за науката и културата.
Паралелно со истражувањата во соработка со општина Гази Баба, ќе се работи на чистење на локалитетот од разен смет, трева за да се доведе во пристоен изглед.
Во склад со планот за 2008 год. ќе се изврши реконструкција на оградата за да локалитетот повторно се огради.
Ќе се изгради барака за потребите на археолошката екипа.
Како дел од проектот “Неолитско село” ќе се реконструира куќа 1 со инвентарот откриен во текот на археолошките истражувања од 1981 год., со цел нејзина презентација на публиката, пред се децата и младите. Со планот за реконструкција на куќа 1, очекуваме и делумен развој на културната и туристичка состојба на општина Гази Баба и градот Скопје.
Поставување на информациски табли на пристапните улици за лесно наоѓање на локалитетот.

Comments are closed