Археолошки локалитет Тумба Маџари

Поволните природни услови во неолитот, пред сè, реките (Вардар, Треска, Лепенец, Серава, Маркова Река), езерцата (Арачиновско и Катлановско Езеро), мочуриштата, ридестите и планински простори (Водно и Скопска Црна Гора), овозможиле да се создадат поголем број населби во Скопската Котлина како дел од Горновардарскиот Регион на Македонија.

Скопје е еден од ретките градски центри во светот кои можат да се пофалат со постоење археолошки остатоци од длабоката предисторија кои се стари 8000 години. Археолошкиот локалитет  Тумба Маџари е лоциран во населбата „Методија Андонов- Ченто“ на ул. „Маџари“ во Општината Гази Баба. Тој се простира на површина од 22,685 m2 (2,2685 ha).

Археолошкиот локалитет денес тешко се забележува, бидејќи поголемиот дел од неговата површина е зафатена со куќи подигнати во доцните шеесетти и во седумдесеттите години од XX век. Претходно, Тумбата во Маџари доминирала над околното рамно поле.

Артефактите од овој локалитет се едни од столбовите на археолошкото движно богатство на Археолошкиот музеј на Македонија, кој е лоциран во централното градско подрачје на Скопје.

ИСТОРИЈАТ ЗА ИСТРАЖУВАЊАТА НА ТУМБА МАЏАРИ

Во литературата оваа населба е позната уште од 1961/2 година, кога се вршени археолошки рекогносцирања за изградба на автопатот. Првото археолошко истра­жување на овој локалитет е извршено 1978 година во организација на Музејот на Македонија, со што е констатирана населба од неолитот во рамките на Анзабегово- вршничката културна група. Раководител на првите и најобемни истражувања од периодот на 1978 до 2000 година е Воислав Санев, археолог од Музејот на Македонија – Скопје.

Археолошките истражувања во 2002 година продолжуват во рамките на меѓународниот проект меѓу CNRS од Париз, Франција, под раководство на д-р Катрин   Коменж и Музејот на Македонија, под раководство на  д-р Драгиша Здравковски и во соработка со Институтот за историја на уметноста и археологија од Филозофски факултет – Скопје. Од 2003 до 2005 година француската екипа работи самостојно. Во рамките на меѓународниот проект, паралелно со археолошките ископувања, вршени се и петрографски, геолошки, палеоботанички, археозоолошки анализи, како и хронолошка детерминација на локалиетот.

Музејот на Македонија во 2004 година продолжува со истражувањата под раководство на д-р Драгиша Здравковски. Од 2008 до 2013 година археолошките истражувања продолжуваат под раководство на м-р Елена Стојанова-Канзурова.

ХРОНОЛОШКИ И КУЛТУРЕН КАРАКТЕР НА ТУМБА МАЏАРИ

Тумба Маџари е еден од најдолго истражуваните археолошки локалитети од младото камено време – неолитот во Македонија, а хронолошки се поврзува за VI милениум пред н.е.

Најстариот културен слој на Тумба Маџари хронолошки одговара на фазата Анзабегово-Вршник I, т.е. од крајот на раниот неолит. Вториот културен слој хронолошки одговара на фазата Анзабегово-Вршник II, а третиот е синхрон со фазата Анзабегово-Вршник III.

Најголем дел од археолошкиот движен материјал е од слојот на развиената или средната фаза на неолитот, односно во фазите Анзабегово-Вршник II и III. Во тој период населбата го доживеала својот најголем економски и културен развој. Крајот на населбата е во почетокот на доцниот неолит, односно на крајот од фазата Анзабегово-Вршник III.

Доцнонеолитскиот слој отсуствува, кој можеби е разорен или оваа предис­ториска населба престанала да функционира на ова место.

АРХИТЕКТУРАТА НА ТУМБА МАЏАРИ

 Археолошкиот локалитет Тумба Маџари со повеќедецениските археолошки истражувања e еден од ретките неолитски локалитети во Македонија што овозможува подетална слика за архитектурата, нејзината внатрешна и надворешна просторна организација, како и недвижниот покуќнински инвентар.

Досега се определени девет затворени целини – куќи кои припаѓаат на III и II културен хоризонт, како и неколку делумно истражени куќи, со што е добиена подетална слика за архитектурата. Основната архитектура во Тумба Маџари има станбен карактер, но се потврдува и сакралниот и стопанскиот карактер. Куќите се градени во духот на традициите на земјоделските заедници, т.е. со употреба на градежен материјал од дрво, глина, земја, трска и слама. Основата на куќите најчесто е со правоаголна и квадратна форма, исклучок се две куќи, чија основа потсетува на кириличната буква „Г“. Димензиите на куќите се од 4,50 х 6 m до 9 х 9 m.

Керамичките жртвеници – модели со претстава на куќа со покрив на две води, најблиску ја приближуваат сликата за изгледот на покривот на неолитските куќи.

Во досегашните археолошки истражувања во Тумба Маџари не е најдено светилиште од јавен карактер, што не значи дека и не постоело. Археолошките предмети, како зооморфните скулптурални претстави, големата антропоморфна глава со култни карактеристики, укажуваат на можноста за постоење светилиште од јавен карактер во оваа населба. Големиот број керамички антропоморфни, зооморфни жртвеници, како и други предмети со култна намена, повеќе одат во прилог за постоењето на одреден сакрален простор во состав на секое домаќинство.

КЕРАМИЧКА ПРОДУКЦИЈА ВО ТУМБА МАЏАРИ

Тумба Маџари, несомнено, може да се вброи во ретките неолитски центри во Македонија каде се креирала и се произведувала луксузна керамика препознатлива за Горновардарскиот Регион, но и пошироко.

Во истражувањата се откриени керамички садови со разни форми, димензии и квалитет на обработка, чија површина често е исполнета со орнаменти изведени со техниките на врежување и втиснување. Тие се грневидни садови, питоси со големи димензии, широко отворени конусни чинии, паници, чаши и други типови садови како дел од покуќнинскиот инвентар за подготвување на храната, нејзино чување, но и транспорт.

Посебна естетска изработка и форма имаат садовите – аскоси, кои претставуваат карактеристична керамичка форма во средниот неолит за овој археолошки локалитет.

Тумба Маџари е препознатлива особено преку елегантните ѕвонести форми на пехари и лејкасти форми на амфори, изработени од пречистена глина и печени на висока температура. На површината од амфорите се издвојува иконографијата  со организирани полиња исполнети со шрафирани форми – лисја, која во археолошката наука е позната како вегетабилен, флорален стил на  Анзабегово-вршничката културната група.

Претставата за материјалната, особено духовната култура на населението од неолитот, односно Тумба Маџари, е надополнета и со необично интересни керамички предмети со антропоморфни, зооморфни претстави, предмети кои наликуваат на масички поставени на четири или три нозе, минијатурни печати или пинтадери, т.н. „т“ амулети или букраниони и други керамички предмети.

КУЛТОТ КОН ГОЛЕМАТА МАЈКА (MAGNA MATER)

Социјалните односи во неолитските заедници, особено во семејствата, се подредувале според општите интереси за опстанок и благосостојба, а во нив жената стекнала посебен општествен статус. Жената била моќна инспирација за неолитскиот уметник, и во природен материјал (глина, камен, животинска коска) го овековечил нејзиниот дух, а особено телото преку елементарните физички карактеристики и нагласување на половите атрибути. Улогата на жената како родилка и мајка во неолитот била поистоветена со култот на плодноста, односно со култот на т.н. Голема Мајка (Magna Mater) – божица, на што укажуваат претставите на керамичките жртвеници од двете културни групи на територијата од Македонија. Во уметничката изведба на овој тип жртвеници во Анзабегово-вршничката културна група доминира претставата на жената, наспроти претставата на куќата во Велушко-породинската културна група, која е симбол на семејството како основна клетка на општествениот и економскиот живот. Иконографијата на овој култ, која претставува симбиоза на женското тело и куќата, е единствена по својата уметничка изведба и експресивност, со што неолитот во Македонија се издвојува од останатите неолитски култури.

Тоа што ја прави Тумба Маџари препознатлива и практично е археолошки белег на овој локалитет, е познатата керамичка скулптурна претстава на Големата Мајка, која за првпат меѓу неолитските населби во Македонија е откриена во целина. Оваа импресивна форма на жртвеник со култна намена е откриена во истражувањата на првата куќа во Тумба Маџари 1981 година. Слична керамичка скулптурна претстава најдена во целина, е откриена и во куќата 5 од 1987 година. Поголеми или помали фрагменти од овој тип жртвеници се најдени и во останатите куќи во Тумба Маџари. Според првиот истражувач на Тумба Маџари, а подоцна потврдено и од другите истражувачи, се добива впечаток дека поседувањето на овие жртвеници било желба и обврска на секое семејство. Жртвеникот бил нарачуван или обезбедуван за време на градењето на куќата. Нивното внесување во новоградбата би можело да се толкува и како нејзино „осветување“.

АНТРОПОМОРФНА ПЛАСТИКА

Антропоморфната пластика е многубројна во неолитската населба на Тумба Маџари. Бројот на откриените женски фигурини е многу поголем во однос на машките фигурини. Тие најчесто се изработени од глина, но има и примери изработени во камен или од животинска коска. Не се исклучува можноста некои од нив да биле изработени од дрво. Неолитскиот мајстор при моделирање на човечкото тело прикажал голема умешност и особено ги нагласил физичките атрибути на плодноста.

СТОЧАРСТВОТО ВО ТУМБА МАЏАРИ

Животните отсекогаш биле дел од животот на луѓето. Гледајќи наназад низ времето, луѓето ги ловеле животните, ги припитомувале, ги користеле како извор за храна, суровина и работна снага или, пак, ги одгледувале како домашни миленичици. Некои од животните ги почитувале како божества или како симболи на своите заедници во рамките на фертилните култови, материјализирани преку сликана и скулптурална форма.

Резултатите од досегашниот анализиран археозоолошки материјал од Тумба Маџари не отскокнуваат од тенденцијата на среднонео­литските локалитети во Македонија во однос на структурата на сточарството и застапеноста на ловот, како сè уште важен извор за храна и суровини. Ловот на животните сè уште е присутен, но во помал процент споредено со застапеноста на веќе припитомените животни. Најчесто ловени животни се турот (дивото говедо), еленот, дивата свиња, поретко срната, зајакот, волкот. Во археозоолошкиот материјал од Тумба Маџари се забележани поединечни примероци од птици, риби и школки. Во однос на самата структура на сточарство, овцата и козата остануваат доминантни животни, по кои следат говедото, свињата и кучето.

ПАЛЕОБОТАНИКА ВО ТУМБА МАЏАРИ

Сознанијата добиени од скромните палеоботанички анализи на семиња и плодови од Тумба Маџари се компактибилни со сознанијата од други неолитски населби. Најмногу податоци има за двозрнестата пченица (Triticum dicoccum). Детекти­рани се семиња од  јачмен (Hordeum vulgare var. nudum), зрна од грашок (Pisum sativum), остатоци од ореви, разни видови плевел, некои Lathirus семиња. Семе од родот Vicia, односно граорица (народен термин) е најдено покрај детски скелет во Тумба Маџари. Семињата Vicia имат големо економско значење, главно, како сточна храна, но тие, исто така, може да бидат користени и за медицински цели.

Comments are closed