Време е за неолитско село на Тумба Маџари

Археологот Драгиша Здравковски го презентира откриеното женско торзо извајано околу коска на птица

Катерина Богоева

Минатата недела на локалитетот Тумба Маџари крај Скопје е откриена нова женска статуетка, за чија што специфика говори раководителот на истражувањата, археологот Драгиша Здравковски од Музејот на Македонија. Статуетата е изработена е од коска и глина, материјали кои според археологот му биле лесно достапни на неолитскиот мајстор.

„Неолитскиот вајар го извајал во глина ова уметничко дело околу една бутна коска од некоја птица. Глината ја нанесол околу коската и ја моделирал многу лапидарно, нагласувајќи ги само најважните женски атрибути и карактеристики. Статуетката е претстава на седната жена со издолжена вертикална форма. Главата за жал е скршена, но претпоставуваме дека е многу шематски извајана без детал, само нагласена. Вратот е долг и преминува во торзото на кое пластично се нагласени мали гради, а нагласени се и рацете. Торзото е тенко и сплескано и поминува во убаво обликуван топкалест задник, со само сугерирани, куси нозе. Единствено на статуетката е нагласен задникот на кого лежи целата тежина, со нагласена стеатопигија од кого излегуваат нозете. Пронајдена е во еден објект, кој може да биде кадичка или печка“ – нагласува Здравковски, но сеуште не е сигурен за каков вид систем од објекти станува збор, кои откриени минатата година, веќе се детално истражени и соодветно конзервирани. За евентуалната намена и функција на кадичките, пронајдени во културен слој со повеќе нивоа, датиран од почетокот на средниот неолит (околу 5.800 год. пред н.е) укажува во нив пронајдената статуетка, во положба ин ситу. За археологот неприсуството на керамички садови и алатки во секоја од откриените куќи, на истражуваниот простор е показ за постоење на неолитски работилници.

На Тумба Маџари досега се откриени 8 станбени објекти, а овој локалитет има и своја веб – страница www.tumbamadzari.org.mk каде се презентирани само најатрактивните и целосно сочуваните предмети за јавноста.

„Археолошките истражувања се сложени и подразбираат многу повеќе од тоа. Ископувањето е само една метода од истражувањето и тие продолжуваат по завршувањето на ископувањата. На пример, деновиве е откриена човечка мандибула чие проучување ќе даде интересни антрополошки податоци, кои компарирани со веќе постојните, ќе значат нова коцка во мозаикот наречен неолит во Македонија. Нашата намера е на забите да се направат и други анализи(Ц 14) кои ќе дадат прецизни податоци за хронолгијата на културниот слој во кој е најдена. Се разбира, има многу наоди кои се енигма. Целта на веб – страницата е и да помогне со сугестии околу нивното разрешување. Денеска е време на информатика, заврши ерата кога некои археолошки откритија љубоморно се чуваа со години и потоа го губеа актуелното значење. Така се отапуваше научната острица, се маргинализираше и археолошката наука стануваше јалова. Со тоа се отвараше простор за делување на разни културни дилетанти и миговни профитери кои од археологијата убаво се офајдија, а таа немаше ништо со нив. Македонија е мала како научен археолошки пазар и затоа треба максимално да ги користи можностите на интернетот. Тоа прв пат екипата го примени во истражувањата на Скопско кале и таа пракса ја продолжуваме на Тумба Маџари“.

Добиените сознанија, според Здравковски укажуваат дека во одреден дел на оваа неолитска населба која била водечки економски и културен центар во текот на шестиот милениум пред н.е. во Скопската котлина, се вршеле само занаетчиски производни работи. „Сликата за Тумба Маџари и реконструкцијата на животот на неолитот во секое ново истражување се надополнува. Системот од откриените, работно наречени кадички или печки, досега нема многу аналогии на овој локалитет. Делумни аналогии се најдени и познати на локалитетите Тумба Стенче, Породин, Зелениково и особено Врбјанска Чука од Пелагонија“.

Тој вели дека е созреано времето да се реализира поодамна презентираната идеја за реконструкција на неолитско село на локалитетот што ја поддржал и градоначалникот на општината Гази Баба.

„Подршката од Министерството за култура е добиена. Градоначалникот Коце Трајановски, со своите соработници апсолутно ја разбира и стои зад неа. Но за жал, за некои работи и идеи потребно е повеќе од ентузијазам. Најважно е што оваа идеја се афирмира во период кога официјалната политика на владата е финансирање на археолошки локалитети и изградба на музеи, театри и други објекти од културата. Музеј на отворени или ин ситу, на Тумба Маџари е најевтиниот и најлесниот објект за реконструкција и изградба.

Во тој правец се и моменталните активности околу конзервацијата и подигањето на споменатите кадички/печки. Имено екипа конзерватори од Музеј на Македонија под раководство на Бранко Величковки, работи на фиксирање на овие објекти и нивно вадење од земја, за да може подоцна како раритетен и атрактивен наод да се реконструира и ревитализира во постојаната поставка на Музеј на Македонија или во неолитската куќа во Тумба. Но мора да се имаат во предвид спецификите, не е едноставна работа, макар тоа било и само како примитивно село. Добро е што теоретски и практично стручните лица од Музејот се способни тоа да го направат. Сметаме дека сега е вистински момент и иако има разни технички проблеми, реално ќе го реализираме. Скопје ќе добие едно интересно место за интерактивна едукација на најмладите, а општина Гази Баба атрактивен објект со кој малку градови можат да се пофалат. Добро е што јавниот интерес за Тумба Маџари полека но сигурно, се враќа и се концентрира на оваа благородна идеја“.

Објавено од: Утрински весник

Comments are closed