Вчера беше отворено неолитското село кај Тумба Маџари

Оживеан домот стар 8000 години
Вратите на куќите се во форма на буквата М, а над вратата има кружен отвор. Тие се направени според керамичките жртвеници од типот на Големата Мајка која е најдена токму на овој локалитет.

Во присуство на многу археолози, деца и со звуци од окарината на Драган Даутовски, вчера беше отворено неолитското село на археолошкиот локалитет Тумба Маџари. Во првата фаза од проектот “Реконструкција на неолитско село”, кој започна пред три месеци, од предвидените пет куќи, готови се две.
Неолитското село го отворија министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот на Општина Гази Баба Коце Трајановски кои, заедно со Музејот на Македонија се организатори на овој проект. Пари за инфраструктурата обезбедила Општината, додека за истражувањата и реконструкцијата, со 1 милион и 800.000 денари учествува Министерството.
“Целта е да се даде виртуелен приказ на секојдневјето на неолитскиот човек кој тука живеел од 6200 до 4200 година пр.н.е” рече Елена Стојанова – Канзурова од Музејот на Македонија, која била задолжена за внатрешното уредување на куќите, а археологот Драгиша Здравковски бил одговорен за архитектурата на куќите. Тој рече дека локалитетот е наменет за едукативни програми, за научни цели, но и како туристичка атракција.
Во реконструкцијата на неолитските куќи се користени: археолошки остатоци најдени на локалитетот, изгледот на керамичките модели – жртвеници – куќи од неолитот од Анзабегово-вршничката и Велушко-породинската културна група, како и современи примери на куќи во селата.
Во куќите има копии од оригинални предмети, пронајдени на локалитетот во текот на досегашните археолошки истражувања. Тие се изградени од дрвени колци, од гранки и обложени со дебел слој од кал и плева. Има претстава на жени што извршуваат домашни работи, а има и печки, садови и големи ќупови.
Вратите на куќите се во форма на буквата М, а над вратата има кружен отвор. Тие се направени според керамичките жртвеници од типот на Големата Мајка, која е најдена токму на овој локалитет.
Б.Нестороска
фото: Б.Тануровски

Обавено од: Вест

Comments are closed