За проектот НОЌ НА ИСТРАЖУВАЧИТЕ 2011-09-27

Проектот Ноќ на истражувачите 2011 е заеднички проект на следните четири партнери: Универзитетот Св.Климент Охридски од Битола, претставуван од проф.д-р Златко Жоглев, Музејот на Македоннија од Скопје претставуван од Перо Јосифовски директор , Македонскиот одбор за меѓународна размена на студенти од техничките факултети ИАЕСТЕ-Локален комитет од Битола,претставуван од Дамир Емин,студент и Владимир Талески градоначалник на Општина Битола, која е четвртиот партнер.. Главен координатор на проектот е д-р Божин Доневски,професор на Техничкиот факултет во Битола.Од Музејот на Македонија во проектот се вклучени д-р Драгиша Здравковски и Елена Стојанова Канзурова.Дамир Емин е раководител на студентите.

Овој проект за прв пат се организира и одржува во 2005 година, а во Македонија се одржува по четврти пат.Музејот на Македонија за прв пат се вклучи во 2010 година како заинтересирана институција, презентирајки ги археолошките истражувања на неолитскиот локалитет Тумба Маџари во Скопје. Во 2011 година Музејот е партнер во проектот.

Проектот се организира со цел да се популаризира и да се доближи науката и научните истражувања до што поголем круг луѓе и особено им се обраќа на младите, промовирајќи ја научната кариера и поттикнувајќи ги кон интегрирање во Европското истражувачко семејство.

Проектот се организира во 32 земји на Европа секој претпоследен петок во месец септември, се финансира од ЕК на Европската Унија.За подетални информации на www.noknaistrazuvaci.mk

Музејот на Македонија оваа година организира посета на Неолитското село Тумба Маџари во Скопје на ученици од 7-три одделение на ОУ Блаже Конески од Скопје.Учениците со својот наставник Богдана Барутовска го разгледаа селото, го проследија предавањето и потоа во глина вајаа предмети што ги видоа во селото. Некои ученици во глина ги материјализираа имагинарните идеи што им се родија во тие неколку часа од престојот во селото. Децата добија освежување сок, вода и мекици. Музејот на Македонија го плати автобусот што ги донесе во селото. Учениците беа радосни задоволни од поминатите пријатни мигови и нивните вајарски дела и изразија желба повторно да го посетат селото.

Стручната екипа се одлучи за ваква содржина со цел да го покаже на младите процесот на настанување на научните откритија во археологијата со ископување и откривање на разни артефакти и археолошки ситуации и реконструкцијата на животот во 6 -иот милениум п.н.е. као крајна и највисока цел на археолошката наука.

На Ноќта на истражувачите 2011 што се одржа на плоштадот Магнолија во Битола од 20 до 23,00 часот, стручната екипа Драгиша Здравковски и Елена Стојанова Канзурова, на 11 штанд , на заинтересираните посетители им го проекцираа документарниот филм Тумба Маџари и слајд презентација на археолошките истражувања на неолитскиот локалитет Тумба Маџари и Неолитското село Тумба Маџари. На заинтересираните им беа поделени флаери на македонски,англиски и албански јазик. Исто така се делеа и значки со ликот на Марија Склодовска Кири, добиени од ЕУ, на која и е посветена оваа година, а по повод 100 години од добивањето на втората Нобелова награда за откритието на полониумот.

Музејот на Македонија, како една од најстарите научни институции во Македонија, беше претставен, како и сите останати учесници од водителот на манифестацијата.

Археологијата како атрактивна наука со голема магиска моќ во себе предизвика голем интерес кај посетителите.

Comments are closed