Изложба “Неолитска уметност во Република Македонија” во Словенија

Изложбата “Неолитска уметност во Република Македонија” која се отвори на 28.05.2008 год. во прекрасниот галериски простор на Народниот музеј на Словенија во Љубљана презентира мал дел од експонатите од раниот, средниот и доцниот неолит што се наоѓаат во музеите во Битола, Прилеп, Штип, Св. Николе и Скопје. Од презентираните 82 експонати, од нив, 57 се од Музејот на Македонија, а најголемиот дел од нив се откриени во неолитската населба Тумба Маџари во периодот од 1981 до 2007 год.

Изложбата е продолжување на започната соработка на македонските и словенечките археолози со истражувањата од 1946/7 во Македонија од страна на Јосип и Паола Корошец и соработката во поново време која ја продолжи и д-р Митја Гуштин.

Презентирани се археолошки предмети со утилитарна и култна намена, карактеристична за неолитската култура во Република Македонија, репрезентирана во Велушко-породинската и Анзабегово-вршничката културна група. Тоа се разни форми на керамички садови; антропоморфна пластика; зооморфна пластика; култни жртвеници и печати.

Автори на текстот во каталогот и изборот на каталошките единици од македонска страна се д-р Драгиша Здравковски и Елена Стојанова Канзурова од Музеј на Македонија. Автори на текстот во каталогот од словенечка страна се е и д-р Петер Турк и д-р Петер Кос, директор на Народниот музеј на Словенија. Концепцијата на изложбата е на Андреј Шемров од Народен музеј на Словенија. Изложбата од македонска страна е целосно финансиски подржана од Министерството за култура на Република македонија.

Посебен куриозитет на отварањето на изложбата беше волшебниот звук од окарината (неолитска флејта стара 6.000 год. пред н.е.) изведен од маестро Драган Даутовски кој се обиде да го приближи духот на неолитската цивилизација пред големиот број посетители.

Заинтересираните изложбата можат да ја видат до крајот на септември оваа година.


Comments are closed