Најстарите куќи во Европа потекнуваат од Македонија

Изложбата „Неолитската уметност од Македонија“ во Љубљана е отворена со голем пиетет кон артефактите

Од нашиот известувач
Катерина Богоева

ЉУБЉАНА – Импозантен избор од највредната неолитска уметност откривана на тлото на Македонија е презентиран во Народниот музеј на Словенија во Љубљана, во привлечниот галериски простор кој на самото отворање, на 28 мај, беше исполнет со завиден број посетители кои имаа исклучителна можност да го чујат и чудесниот звук на неолитската флејта – окарина, отсвирена од потврдениот познавач на старите музички инструменти, Драган Даутовски.

Свои обраќања на отворањето на значајната изложба за земјава и за археолошката наука воопшто, под наслов „Неолитската уметност од Македонија“, имаа претставниците на двете страни, Петер Кос, директор на Народниот музеј и Мери Аницин – Пејоска, директорката на Музејот на Македонија, државниот секретар на Министерството за култура Елизабета Канчевска – Милеска и директорот на Директоратот за култура на Словенија, Дамјан Преловшех. Петер Кос изрази жалење што во оваа прилика не е презентирана и скулптурата на машкото торзо Адам од Говрлево, но го потенцираше задоволството од можноста на публиката да и понуди вреден и богат избор на ретки неолитски артефакти.

Како што и се очекуваше, вредните артефакти откривани десетици години наназад на различни археолошки локалитети на тлото на земјава, чувани во музеите на Скопје, Битола, Прилеп и Штип, уште на стартот го привлекоа вниманието со својата специфика. Од осумдесет и двата изложени предмета, само седумнаесет досега и беа познати на јавноста, така што Народниот музеј во Љубљана доби посебна чест во следните четири месеци, токму оваа година кога Словенија е и претседавач на Европската Унија, на туристите, особено на странските, кои како што велат домаќините ги има во се поголем број, да им понуди навистина ексклузивна презентација на културното богатство од период клучен за развојот на човештвото, од 6.300 до 4.500 година п.н.е.

Еден од авторите на текстот во добро изработениот и богато содржаен каталог со фотографии и фактографски податоци објавен на словенечки и англиски јазик, археологот и музејски советник Петер Турк, со задоволство ја потенцираше важноста на презентираните артефакти.

„Изложбата е важна бидејќи неолитот, младото камено време е пресудно за сите облици на постојано живеење во долгорочни населби, во куќи. Тоа е период кога се формирало земјоделството, сите елементи кои денес ни се познати, а не биле познати пред 10 илјади години. Во време кога во Македонија, како среден дел на Балканот тоа бил нормален начин на живот кој дошол од Мала Азија, во Словенија, а да не зборувам за Западна Европа, владеел мезолитски начин на живот, со номадство и со лов како средишен дел на економскиот живот. Тоа значи дека ние сме на некој начин наследници на начинот на живот кој пред 8.000 години почнал да се шири од Македонија во Европа. Сакаме да покажеме дека Македонија во тоа време била најнапредниот дел на Европа. Неолитот во Словенија се јавил дури 1.500 години подоцна“, изјави Турк и укажа дека е изненаден од презентираните форми на предметите кои ги изработувало тогашното неолитско население, форми кои говорат за разновиден духовен живот. Како посебно значаен елемент на изложбата го издвои и култот на Големата Мајка, презентиран во посебна изложбена витрина со познатите артефакти пронаоѓани на локалитетите Тумба Маџари, Породин, Говрлево и други. Го нарече посебен феномен фактот што женските фигури се врзани за куќата, растат, излегуваат од неа како средиште на животот.

„Во тој период куќите биле нешто разбирливо за Македонија, но ги немало во другиот дел на Европа каде луѓето живееле во импровизирани населби“, изјави Турк.

Археологот Драгиша Здравковски кој е исто така автор на текстот во каталогот, а заедно со археологот Елена Стојанова – Канзурова од Музејот на Македонија е автор и на концепцијата на изложбата, е задоволен од презентацијата на неолитската уметност во Љубљана, која е израз и на продолжувањето на традиционалната соработка меѓу македонските и словенечките археолози, започната во 1946-47 година со истражувањата што во Македонија ги вршеле сопружниците Јосип и Паола Коросец, како и Јозе Кастелич, соработка која во изминатите неколку години со истражувањата на Говрлево крај Скопје ја продолжи и археологот Митја Густин. Се очекува каталогот на изложбата во наредните месеци да добие и превод на македонски јазик, а она што пријатно ги изненади познавачите на археолошката соработка, беше за прв пат објавената заедничка фотографија на дел од археолозите од двете земји, снимена при истражување на локалитетот Азанбегово во Македонија во 60 – тите години на минатиот век.

Објавено во: Утрински весник

Comments are closed