На Тумба Маџари откриен нов жртвеник – куќа

Археолозите претпоставуваат дека на локалитетот се наоѓа и првиот двор од периодот на неолитот


Новооткриениот жртвеник – куќа

КАТЕРИНА БОГОЕВА

Археолозите од Музејот на Македонија кои од крајот на октомври ја истражуваа неолитската населба на локалитетот Тумба Маџари во Скопје, деновиве открија нов жртвеник – куќа, под печка на огниште, лоцирана врз јужна страна на исто така, во оваа прилика откриените подници (црепни).

„Жртвеникот – куќа е постара варијанта на познатиот жртвеник од типот на Големата Мајка, откриен во археолошкото истражување во 1981 година од археологот Воислав Санев“, вели археологот Елена Стојанова – Канзурова и посочува дека при оваа кампања се продолжени истражувањата на отворениот простор од 2004 година, а паралелно се отворени и два контролни профили, кои заради временските услови ќе продолжат да се истражуваат следната година.

Посебно внимание кај археолозите предизвикува и откривањето на систем од 11 објекти на длабочина од еден метар, изработени од лепеж/глина, со приближно исти димензии и облици, распоредени едни до други од кои дел имаат квадратна, а други кружна форма. Лепежот на објектите е многу трошен, поради што тешко и се одредува нивната форма, а истите се со димензии од 0,37 до 0,60 см, со ѕидови високи од 0,5 до 0,17 см.

„Подобро сочуваните објекти имаат добро замазнето дно“, посочуваат истражувачите, кои поради недостаток на аналогии претпоставуваат дека се работи за подници кои се постари форми на црепните за печење на погачи леб. “Доколку, пак, станува збор за подници, тогаш не се исклучува и можноста дека овде се одвивало еден вид мало занаетчиско производство кое ги задоволувало потребите на жителите од населбата и покрај тоа што, во секоја досега истражена куќа (истражени се 8 куќи од 1981 година па наваму), се откриени печки и огништа за подготвување на храна. Подоцна, по престанувањето на нивната употреба, врз нив е подигната платформа од камен и керамика и е изградена печка. Од неа се останати многу пепел и гареж. Од западната страна на овие кадички се откриени и две дупки за дрвени, носечки столбови од кровната конструкција на објектот. На источна страна, откриени се две големи отпадни јами кои сеуште се истражуваат, велат археолозите од тимот со кој раководи Драгиша Здравковски, а со него истражуваат и археолозите Игор Толевски и Марија Атанасова, како и апсолвентите по археологија Василија Чали, Дарко Карасарлидис и Борче Ивановски.


Откриените 11 објекти за кои се претпоставува дека претставуваат подници, односно постари форми на црепни за печење на погачи леб

Поради евидентираната поставеност на дел од посочените јами за столбови, археолозите претпоставуваат дека објектите биле сместени надвор од куќата, под настрешница и велат дека на Тумба Маџари, можеби за првпат и се открива двор на неолитска куќа. Откриле и сад со траги од пепел и остатоци од животински коски, кој укажува на можноста дека целиот простор бил во служба на подготвување на храна за неолитскиот човек на тумбата.

Дефинирањето на низа од добиените сознанија ќе продолжи идната година, а во текот на зимскиот период, во постојаната археолошка поставка во Музеј на Македонија ќе се работи на реализирање на идејата за целосна или делумна реконструкција на една неолитска куќа, која треба да го приближи духот на неолитската култура до публиката, а пред се до децата и учениците.

Објавено од: Утрински весник

Comments are closed