Неолитското село има понуда, ама нема посетители

Учениците најчести гости во Тумба Маџари, за туристите треба подобра организација

Приказната за градот Скопје секогаш треба да почнува од локалитетот Тумба Маџари, каде што се наоѓа неолитското село, сведок дека уште во неолитското време на овој простор живееле и твореле луѓе, вели Елена Стојанова-Kанзурова, археолог, виш кустос за неолит во Археолошкиот музеј и раководител на селото. Додава дека таму во 1981 година е откриена статуата Големата мајка, претставник на македонскиот неолит, кои се единствен пример на вакви форми на жртвеници со претставување на култот на божицата Големата мајка и по тоа македонскиот неолит се издвојува од сите други неолити во Европа.

– Ретки се метрополите што имаат културно-археолошко наследство старо 8.000 години. На овој археолошки и историски локалитет му е потребна поголема промоција, за да биде посетен од домашни и странски туристи. Има добра понуда, треба само малку повеќе волја – вели Стојанова Kанзурова, која потенцира дека во изминативе години државата многу вложила во археологијата и сега е време тоа да се врати.

Со еден чувар и без водич

Голем е бројот и на скопјани што никогаш не го посетиле неолитското село, кое се наоѓа во населбата Ченто, еднаш до СОС Детското село. Вчера, додека екипата на „Дневник“ го разгледуваше локалитетот, не наиде ниту еден посетител. Локалитетот е изграден на не многу голем простор, кој е уреден со зеленило на кое нема ниту едно ливче хартија. За уредувањето е заслужен домарот Тони Митрев, кој таму е чувар и се грижи за одржување на куќите, но и за анимирање на посетителите.

Стојанова-Kарузова вели дека првите археолошки ископувања на локалитетот се направени во 1981 година.

– Овој локалитет 60 проценти е под куќи бидејќи во минатиот век не се знаело дека овде постои археолошко наоѓалиште. Тоа се дознало во 1978 година од страна на Музејот на Македонија. Во тек е валоризација за локалитетот тој да се заштити како споменик на културата, а досега е под времена заштита – вели Стојанова-Kарузова.

Таа објасни дека проект за реконструкција на неолотското село почна во 2008 година и прво беа изградени две неолитски куќи, а сега се четири. Во внатрешноста има копии од садови што луѓето ги користеле во секојдневието, како и човечки кукли во некоја активност, кои се направени од гипс. Во дворот има кукли-животни, трла со кози, крава.

Туристичките агенции да го внесат во понудите

Иако селото има интересна понуда, засега најчести посетители се учениците.

– Доаѓаат и домашни посетители и странски, но во помал број. Овде с` уште не е уредена наплатата, нема фискална сметка, а нема ни доволно луѓе за да можеме да одговориме на потребите на туристите. Поради тоа и сувенирницата во локалитетот с` уште не работи. Влезот е на принцип кој колку може да остави. За таа цел домаќинот Тони направи и касичка која е на масата каде што е тетратката во која посетителите ги запишуваат своите впечатоци – објаснува Стојанова-Kанзурова, која смета дека тоа ќе се реши кога ќе се решат и имотно-правните работи, бидејќи Музејот на Македонија с` уште се води како сопственик на локалитетот, а во тек е постапка сопственоста да премине на Археолошкиот музеј.

Нашата соговорнилка смета дека во промоција на овој туристички локалитет најмногу можат да помогнат агенциите.

– Туристичките агенции треба да го внесат овој локалитет во своите туристички понуди и да носат туристи со организиран превоз, а нивните водичи да ги информираат за него. Општината Гази Баба и Градот преговараат овој локалитет да се внесе во агендата на „Скопје сити тур“, односно на панорамскиот автобус за туристички разглед – истакна Стојанова-Kанзурова.

Таа се пожали дека информативните табли што се поставени во 2008 година се искршени или ги нема, но потенцира дека ќе се настојува со проширувањето на улицата Маџари да бидат поставени повторно нови информативни табли на повеќе локации.

Локалитет Тумба Маџари не работи во понеделник и во вторник. Од среда до петок е отворен од 8 до 14 часот, а во сабота и во недела од 10.30 до 17.30 часот.

Предметите од археолошките ископувања се чуваат во Археолошкиот музеј во постојана поставка.

Ќе се отвори едукативна училница

Во неолитската населба има и голема училница, која е планирана да биде едукативен центар.

– Оваа училница годинава ќе биде пуштена во употреба, каде што на посетителите, пред с` на учениците ќе им се презентираат документарни филмови за неолитот, а ќе се одржуваат и различни предавања. Учениците од шесто одделение по предметот историја учат за неолитот, а голем дел од училиштата бараат овде да имаат час, па јас им предавам за неолитот и за археолошкиот локалитет Тумба Маџари, а се одржуваат и работилници. Исто така, во секоја куќа ќе ставиме и банери со информации за грнчарството, земјоделството, за архитектурата во тоа време, а имаме и летоци што ги печати Гази Баба – потенцира Стојанова-Kанзурова.

Општината Гази Баба промовира колку што може

Во Општина Гази Баба велат дека се трудат најмногу што можат да го промовираат овој туристичи и археолошки локалитет.

– Правиме летоци и ги делиме на гостите, а и ги носиме да го посетат локалитетот. Ја организираме манифестацијата „Големата мајка“, организираме литературни читања и други манифестации. Овој локалитет се промовира и на нашата веб-страница – вели портпаролот на Гази Баба, Емилија Kипровска.

Таа додава дека помагаат во одржувањето на локалитетот бидејќи чуварот е вработен во нивното комунално претпријатие.

– Едукативната училница ќе ја опремиме со аудио-визуелни уреди, односно платно и проектор и секогаш кога ќе се побара помош од нас ќе излегуваме во пресрет – вели Kипровска.

Анела Петрова

Објавено од: b2.mk

Comments are closed