Неолитското село Тумба Маџари стои затворено

Во март повторно ќе биде отворен музејот чии копии беа искршени лани

Катерина Богоева

Првото неолитско село во земјава Тумба Маџари кај Скопје, кое на почетокот на декември минатата година беше нападнато од група деца што искршија копии на десеттина садови, три амбиентално поставени кукли во реконструираните куќи, копија на скулптурата Големата мајка и камени алатки ( по само еден месец и една недела работа), сеуште стои затворено. Направената штета изнесува околу 100 000 денари, средства што Музејот на Македонија кој раководи со археолошкиот локалитетот треба повторно да ги обезбеди, за да започне изработката и поправката на уништените предмети што ќе се стават во функција на музејот на отворено.


На неолитското село во почетокот на март треба да се градат и нови елементи во рамките на предвидената втора фаза од започнатиот проект за која и се одобрени средства во рамките на годинешната програма на Министерството за култура. Предвидено е покрај постоечките две, да бидат изградени и уште две куќи, од кои во поголемата би се реализирале едукативни работилници, симпозиуми, а во помалата, реконструирана праисториска куќа, амбиентално ќе биде поставен дел од секојдневието на некогашните жители на сегашно Скопје, жена што изработува керамички сад и деца во игра. На локалитетот каде минатата година е извадена и вода и направен тревник, ќе биде направена реконструкција и на мочуриште и мини фарма со претстави на праисториски животни и птици, во чие што оформување, за прв пат покрај неколкумина вајари, со стручни согледувања ќе учествува и археозоологот Анета Ивковска, која магистрирала на Катедрата за археометрија на Софискиот универзитет во Бугарија.

Неолитското село засега го обезбедува еден чувар, ангажиран од страна на Музејот на Македонија, но се очекува наскоро во чувањето на заградениот простор со уште еден чувар, да се приклучи и општината Гази Баба на чија што територија се наоѓа археолошкиот локалитет. Со учество на општината, досега е расчистен и адаптиран просторот каде се подигнати впечатливите неолитски куќи, истиот е и ограден, направена е пешачка патека, паркинг, поставени се канделабри и рефлектори за престојното, планирано осветлување. Со учество на општината поставени се и потребните патокази кои ги водат посетителите до локалитетот.

А посетители, главно ученици, деца од скопските градинки, студенти, но и заинтересирани посетители од другите градови, имаше додека селото функционираше. За нив досега е отпечатен водич на македосни и англиски јазик, а во план е печатење на албански, но и на ромски јазик јазик, со цел да се подигне нивото на свеста на околното население, но и на граѓаните воопшто, за значењето на праисторискиот локалитет.

Во реконструкцијата на неолитските куќи на локалитетот Тумба Маџари, според археолозите Драгиша Здравковски и Елена Стојанова Канзурова, автори на тековниот проект за реконструкција на досега откриеното, се користени три релевантни извори: археолошките остатоци што остануваат на терен, изгледот на керамичките модели-жртвеници-куќи од неолитот од Анзабегово-вршничката и Велушко-породинската културна група и современите примери на куќи во селата кои живеат како градителска традиција многу долго, практично неколку илјадалетија.

Праисториските куќи се радени со дебел слој лепеж од кал и плева. Дебелината на колците е различна како и нивната густина, а покривите се изградени од дрвена конструкција и слој од трска и ржаница. Внатрешноста на постоечката, прва куќа која се смета за светилиште е преградена со тенок, неправилен парапет кој според археолозите, одвојува две печки подигнати до него. Во средишниот источен дел на куќата е откриена мелница за жито, а во неа ( која и се смета за најбогата со наоди), биле се откриени 45 цели садови и многу фрагменти од керамика. Сиот тој материјал е изложен во постојаната поставка на Музејот на Македонија.

Првите археолошки истражувања на Тумба Маџари Музејот на Македонија ги извршил во 1978 година кога резултатите и покажале дека се работи за населба од неолит, со три фази на живеење. Населбата егзистирала во периодот од 6200 до 4200 год. пред н.е, а економската благосостојба и културниот просперитет ги доживеала во средниот неолит 5800-5200 год. пред н.е. Се смета дека токму оваа населба го претставувала протогено јадро на денешното Скопје. Во археолошките истражувања од 1981 до 2008 година биле откриени 8 праисториски куќи.

Објавено од: Утрински весник

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *