Неолитско село Тумба Маџари се отвора за јавноста

Денеска ќе бидат презентирани и првите две реконструирани куќи

Катерина Богоева

Скопје го доби првото реконструирано неолитско село во земјава, Тумба Маџари, подигнато на истоимениот археолошки локалитет во населбата Ченто, каде од 6.200 до 4.200 година пред н.ера, постоел евидентиран живот. Денеска во 11 часот, со свеченост на која ќе говорат Министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милеска, професорот. на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет, Драги Митревски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Коце Трајановски, селото ќе биде и официјално отворено, а истовремено ќе биде одбележано и завршувањето на првата фаза од проектот за негова реконструкција, чии автори се археолозите, кустосот Елена Канзурова и проф. Драгиша Здравковски. Научен консултант на проектот е Драги Митревски, кустос – советник во Археолошкиот оддел при Музејот на Македонија.

Досега се подигнати две неолитски куќи и е уредена нивната внатрешност со поставување на копии од оригинални предмети, пронајдени на локалитетот во текот на археолошките истражувања. Крајна цел на започнатиот проект е оформување на сеопфатна визуелна претстава за некогашниот живот во населбата, со што локалитетот кој е потврден од научната јавност, би станал достапен за јавноста во остварување на научни, едукативни и туристички цели. Во оформувањето на селото, соработуваат Музејот на Македонија и Општината Гази Баба, при што локалната самоуправа учествува во обезбедувањето на инфраструктурните услови, а Министерството за култура ги обезбедува финансиските средства за истражување и реконструкција.

Неолитското село Тумба Маџари се наоѓа во населбата Ченто, помеѓу СОС Детското село и стадионот ,,Борис Трајковски“. На западниот дел од локалитетот кој е во сопственост на Музејот на Македонија и каде е потврдено дека нема археолошки траги, планирано е реализирање на неколку едукативни содржини. Археолозите посочуваат дека освен досега реконструираните две куќи, ќе бидат подигнати уште две, со што проектот ќе биде и финализиран.

„Во реконструкцијата на куќите се користени три релевантни извори: археолошките остатоци што остануваат на терен, изгледот на керамичките модели-жртвеници-куќи од неолитот од Анзабегово-вршничката и Велушко-породинската културна група и современите примери на куќи во селата кои живеат како градителска традиција многу долго, практично неколку илјадалетија, со дебел слој лепеж од кал и плева“, стои меѓудругото во отпечатениот каталог

Во средишниот, источен ден на една од куќите била откриена мелница за жито, како и 45 цели садови и многу фрагменти од керамика. Досега откриениот материјал е изложен во постојаната поставка на Музејот на Македонија.

Првите археолошки истражувања на локалитетот Тумба Маџари, Музејот на Македонија ги извршил во 1978 година. Во периодот од 1981 до 2008 година се откриени 8 куќи. Во една од нив за прв пат е откриена, познатата ексклузивна, теракотна претстава на Големата Мајка. Таа, посочуваат археолозите, ќе стане главната нишка што го поврзува духот на човекот од неолитот во Македонија.

Објавено од: Утрински весник

Comments are closed