Неолитско Село

Потребата за ревитализација на локалитетот Тумба Маџари, а особено развивањето на чувството за грижа и валоризација за најстарите културни достигнувања на нашите предци кај пошироката јавност,  ја создаде идејата за изградба на Неолитското село како музеј под отворено.

Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и Општина Гази Баба, а во организација на Музејот на Македонија – Скопје, во 2008 година започна реализација на проектот Неолитско село. Автори на проектот се м-р Елена Стојанова-Канзурова и д-р Драгиша Здравковски. Во изградбата на Неолит­ското село се користени неколку релевантни извори: материјалните остатоци од археолошките истражувања, изгледот на керамичките жртвеници – модели на куќи од неолит од Анзабегово-вршничката културна група и Велушко-породинската културна група, современите примери на куќи во селата кои живеат како градителска традиција неколку илјадалетија, како и искуствата од други слични реализирани проекти.

Во изминативе години се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на територијата од Македонија и пошироко пред 8000 години.

Неолитското село е добитник на награда и признанија од: МНК ИКОМ по повод 18 Мај – меѓународниот ден на музеите, како најдобар музејски проект за 2010 година; Општина Гази Баба во 2011 година, во категоријата проекти за афирмација на регионалниот културен развој; Општина Гази Баба во 2017 година, по повод манифестацијата „Големата Мајка“, за значајни остварувања во областа на културата.

Грижата и одржувањето на Неолитското село од 2014 година до денес продолжува во рамките на годишните програми за работа на Археолошкиот музеј на Македонија, правен наследник на Археолошкиот музеј, како поранешен оддел во Музејот на Македонија.

Овој музејски проект за презентација и популаризација на најстарото културно наследство во Македонија и пошироко сè уште не е заокружен. Во изминативе години нерешените административни и технички проблеми во Неолитското село не беа пречка да се реализираат многу вонпрограмски едукативни, туристички и разни културни активности за посетителите, а особено за предучилиштната и училиштната популација.

Comments are closed