Повторно се истражува прапочетокот на Скопје


Археолозите есенва го истражуваат неолитското наоѓалиште

На Тумба Маџари, каде што е откриена Големата Мајка, по тригодишна пауза, археолозите истражуваат и чистат ѓубре

КАТЕРИНА БОГОЕВА
На Тумба Маџари, археолошкиот локалитет кој идната година може да одбележи и 30 години од откривањето, археолозите на крајот од октомври ги продолжија истражувањата, извршени последен пат во 2004 година, кога екипа од Музејот на Македонија ги отворила и последните сонди. Од тогаш локалитетот не е истражуван, а постоечкиот проект не бил финансиран од различни причини. Годинава со добиените финансии од Министерството за култура и од градоначалникот на општина Гази Баба, Коце Трајановски за потребите на истражувањето се приближува долго заговараната идеја, на локалитетот кој се наоѓа во близина на фудбалското игралиште „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари се реконструира неолитско село, по пример на веќе видените во светот, интересни за туристи, ученици, студенти, стручни лица. На крајот на оваа археолошка сезона на Тумба Маџари, екипата ги насочи истражувањата на вториот хоризонт на живеење на локалитетот, датиран во периодот на средниот неолит, од 5.800 до 5.300 пред. н.ера.

„ Сега сме буквално на почеток и освен што го исчистивме ѓубрето, во овој период ќе ги довршиме истражувањата на отворените сонди, бидејќи имаме остатоци од куќен лепеш. Ја собираме и откриената керамика, откривме и неколку кремени, но тие претходно треба да бидат анализирани за да може и нешто повеќе з анив да се каже“, вели археологот Драгиша Здравковски.


Драгиша Здравковски

За прв пат Тумба Маџари е забележана во 1978 година од страна на археологот Воислав Санев, за време на изградба на постоечкиот автопатот кој и денес минува во нејзина близина. Систематски почнува да се истражува во 1981 година, кога во неолитската населба е откриена и една од фасцинантните куќи со претстава на Божицата, познатата Голема Мајка, две печки со 48 цели садови, цел куќен инвентар. Истражувањата траеле до 90 -тите години од минатиот век и запреле со почетокот на транзицијата . Јавноста и досега имаше можност да ги види планираните, за на Тумба Маџари, неолитски куќи кои се дел од поставката на Музејот на Македонија, а нивната техничка изведба на локалитетот, според Здравковски не би претставувала никаков проблем.

„Такви куќи, колиби по селата во Македонија се наоѓаат . Проблем е само добрата волја и соодветна финансиска поддршка на идејата. По чистење на локалитетот од ѓубре, треба да се огради парцелата која е во сопственост на Музеј на Македонија и да се реконструираат една или две куќи. Тоа повторно со поддршка на градоначалникот на Гази Баба, планираме да го направиме идната година. Реализацијата на новиот проект за Тумба Маџари кој е направен минатата година нема да чини скапо. Најскапа работа ќе биде купувањето дрва и наоѓањето соодветна слама. Во реконструираните куќи ќе бидат поставени копии од пронајдените предмети, а нема да биде страшно да се остават и некој од оригиналните грнци, бидејќи тоа ќе биде музеј на отворено“ – посочува Здравковски.

Истражувањето на археолозите деновиве спонтано го следеа и сопствениците на околните куќи кои граничат со неолитското наоѓалиште кое на историјата на Скопје му откри вредни податоци. Локалитетот нуди можности за планираната реконструкција, има струја, вода, можност за пристап на интернет, за посета на заинтересирани гости. Министерството за одбрана веќе отстапило и еден контејнер, иако во изминатата недела, во деновите без дожд, археолозите подигнаа и свое седиште, импровизиран најлонски шатор. Меѓу нив е и младата Елена Казурова која верува во големите перспективи што ги нуди Тумба Маџари, со оглед на неговата локација во градска населба, што го олеснува и пристапот на заинтересираните. Локалитетот порано бил и целосно заграден, но сега недостасува голем дел од оградата, како и влезната порта. Како споменик на културата тој е заштитен со закон што го штити од опасностите на актуелната скопска, забрзана урбанизација. Но и Казурова и Здравковски посочуваат дека и овој локалитет, како и другите во земјава, се соочува со истото (не)внимание од страна на околните жители кои фрлаат ѓубре кога археолозите не се на теренот. Но, добро е, велат тие, што сега поминува Комунална хигиена и го собира.

Археолозите очекуваат и Градот Скопје да покаже интерес за Тумба Маџари, бидејќи потенцираат, тука е прапочетокот на градот.

„Идејата за реконструкција на неолитската населба конкретно ја добивме од неолитскиот локалитет Винча од Белград. Колегите од Србија идната година, кога одбележуваат и сто години од истражувањето на локалитетот, ќе подигнат таква неолитска населба во веднаш до реката Дунав. Засега имаат невиден истражувачки камп и археолошка школа, која се надеваме дека и ние еден ден ќе имаме на Тумба Маџари“, вели Елена Казурова.

Објавено од: Утрински весник

Comments are closed