Редок амулет откриен на Тумба Маџари

Наодот се смета за врвна неолитска уметничка творба

На археолошкиот локалитет Тумба Маџари крај Скопје е откриен редок наод, амулет, со должина од 7,5 см, изработен најверојатно од коска, рог на млад елен, иако дополнителните лабораториски испитувања треба да докажат за кој вид на животно точно се работи. Дупчето на главата од пронајдокот, служело за закачување.

„Амулетот самиот за себе е врвна уметничка творба на непознат неолитски мајстор. Според личната перцепција, на него можат да се препознаат разни животински форми. Истиот е откриен на нивото и просторот кој засега го нарекуваме занаетчиски комплекс. Системите на поврзани објекти со квадратна и кружна форма, печките и огништата, откриени минатата и оваа година, се дел од некаков занаетчиски комплекс на населбата што хронолошки се врзува со вториот културен хоризонт (5.800-5.200 г. пр.н.е)“- вели археологот Елена Стојанова-Канзурова и потенцира дека се’ уште не е познато, каква дејност се одвивала на просторот на кој, археолошкиот тим раководен од Драгиша Здраковски, меѓу кои е и археологот од Солун, Сократис Алиханидис, ќе работи уште една недела.

За локалитетот Тумба Маџари од неодамна е отворена и веб-страницата www.tumbamadzari.org.mk. (К.Б.)

Објавено од: Утрински весник

 

Comments are closed