Согласно здравствените препораки, “Неолитското село” – музеј под отворено во археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје

Согласно здравствените препораки, “Неолитското село” – музеј под отворено во археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, сè уште е затворен за посета. Во интерес на заинтересираните посетители, овозможуваме една кратка виртуелна тура низ истиот.

Тумба Маџари од 2008 год. е актуелен со анимирање на јавноста преку научни, едукативни и туристички активности за сите возрасти. Во музејот под отворено “Неолитско село” се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на територијата од Македонија и пошироко пред 8000 години.

Неодамна во “Неолитското село” заврши проектот финансиран со грант од Европската Унија преку програмата “Прекугранична иницијатива за културна размена (МАКС ФОРУМ)”. Целта на овој проект беше доуредување на продавницата за сувенири и обновување на постоечките содржини во овој комплекс, кои досега беа успешно користени за поголема популаризација на археолошкиот локалитет Тумба Маџари и на вредностите на неолитската култура на територијата на Македонија.

Посетата на “Неолитското село”, како и реализацијата на многубројните едукативни активности и културни манифестации во овој комплекс, ќе продолжат наскоро, а до тогаш уживајте во виртуелната прошетка, чија техничка реализација и подготовка е овозможена од Дончо Наумовски и м-р Елена Стојанова Канзурова.

Comments are closed