Тумба Маџари спие наместо да врие од туристи

Искосена зелена трева, неколку неолитски куќички како кутичиња „скоцкани“ во ограден простор од трска во скопската населба Ченто, веднаш зад СОС Детското село. До влезот на познатиот локалитет Тумба Маџари од 6 милениум пред новата ера се стигнува по асфалтиран пат. Се разбира, станува збор за урбанизирано населено место во градот.

Н` пречекува чичко Столе, кој се грижи за зеленилото. Се вртка околу куќичките, ги разгледува, а потоа фотографира јапонски турист. Тој беше еден од малкуте странци што се потегнале да ја видат најстарата знаменитост на Скопје. Вели дека третпат доаѓа во Македонија. Прашувам како се информирал за локалитетот, кој не е баш блиску до градскиот плоштад, каде што најчесто можете да сретнете странски туристи.

– Вчера бев во еден музеј во Скопје и таму слушнав за овој локалитет. Многу ми се допаѓа. С` ми е многу интересно – вели тој.

Иако Тумба Маџари е еден од ретките археолошки локалитети во Македонија, кои се сосема уредени, истражени и реконструирани, подготвени за ревитализација и за промоција на македонското културно наследство, работата никако не тргнува. С` е сведено на ентузијазмот на неколкумина луѓе. Има два основни проблема – нема водич низ поставката, ниту продавач во свињарницата и нема организирана автобуска линија за туристи до локалитетот. Вториов проблем се чини поголем.

Археологот м-р Елена Стојанова-Kанзурова од Музејот на Македонија вели:

– Странските туристи доаѓаат инцидентно и тоа се оние со голем ентузијазам. Скопје врие од туристи, но проблем е превозот до тука. Ние знаеме да дојдеме со автобуските линии 23 и 45. Но, за туристите е покомплицирано – вели таа.

Целосно реконструиран локалитет

Локалитетот се истражувал повеќе од 30 години. Ископувањата покажуваат дека населбата е од неолитот (младо камено време). Луѓето што живееле тука, својата економска благосостојба и својот културен просперитет ги достигнале во средниот неолит, 5800-5200 година пр. н.е. Во трите децении истражени се девет куќи. Од овој локалитет потекнува и симболот на Скопје, скулптурата на Големата мајка. Од 2008 до 2010 година беше спроведен проектот „Реконструкција на неолитското село на локалитетот Тумба Маџари“. Реконструирани се неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Локалитетот е под ингеренции на Музејот на Македонија.

– Ако некој треба да се секира, тоа е надлежната институција. Сепак, интересот кон овој локалитет не е многу голем. Целокупната поддршка, маркетингот, одржувањето на веб-страниците, пропагандата, ги правам од ентузијазам. Пред мене тоа го правеше и археологот Драгиша Здравковски, но тој е веќе пред пензија, па целокупната грижа остана на мене. За локалитетот има информации на интернет, но не можете да очекувате постарите граѓани да се информираат на тој начин. Убаво е и во медиумите да има постојано информации, но ништо од тоа не е нивна обврска. Треба да се грижи надлежната институција – вели Стојанова-Kанзурова.

Локалитетот може да се разгледа бесплатно. Ако некој сака, може да остави некој денар во касата. Најредовни посетители на локалитетот се учениците во рамките на редовните училишни програми. Во текот на викендите доаѓаат фамилијарни луѓе, шетаат, уживаат оти е мирно и релаксирано во неолитското село.

– Превозот е најголем проблем, но и да реши некој да дојде до тука, некој треба да ги пречека, професионален водич да им ја раскаже приказната – вели Стојанова-Kанзурова.

Работат студенти од странство

Чичко Столе, заедно со Тони, е привремен чувар во неолитското село. Ако нема некој друг, тој ги пречекува и разговара со туристите. Очигледно е дека многу добро се грижат за зеленилото и за локалитетот.

– Поставивме хидрофор, па полесно е, можеме постојано да ја полеваме тревата. Kога плаќавме вода, беше поскапо – вели тој.

Пред една недела почнаа и редовните археолошки ископувања на локалитетот. Со нив раководи Стојанова-Kанзурова, а учествуваат студенти по археологија од четврта година. Веќе се појавиле остатоци од куќи и од печка од 6 милениум пред новата ера. Ќе истражуваат до крајот на месецот. Тука е и Ива Џени Рош од Мурска Собота, Словенија, студентка по археологија. Втора година доаѓа да истражува во Македонија.

– Убаво ми е тука. Студентка сум на трета година. С` уште не сум решила на кој период од археологијата ќе се насочам. С` е многу поинаку во Македонија и во Словенија. Има разлики во методологија, технологија што ја користиме, поразвиено е од Македонија, имаме повеќе опции и со работа на терен и за студирање. Но, во Словенија нема локалитет од времето на неолитот. Може да се насочам на тој период оти многу ме интересира – вели таа.

Весна И. Илиевска

Недостига специјална автобуска линија

Тумба Маџари е целосно уреден локалитет за презентација, влезен во светската мапа на неолитски наоѓалишта, се наоѓа веднаш до автопат и има идеална локација за развој на културен туризам.

– Тажно е ако не се развива ова место. Имаше најави дека ќе има специјална автобуска линија, која ќе носи туристи до Тумба Маџари. Се надевам дека ќе се реализира тоа ветување. Тука се одржуваат повеќе манифестации од културата, особено е убаво навечер. Имаме голема поддршка од градоначалникот на Гази Баба. Археолошкиот оддел од Музејот на Македонија наскоро ќе премине во рацете на новиот Археолошки музеј, се надевам дека новата директорка ќе покаже желба и ќе има визија да го искористи ова место на вистински начин – вели археологот Елена Стојанова-Kанзурова.

Превземено од: Дневник

Comments are closed