Тумба Маџари чека пролет и поддршка

Интенција во развојот на неолитското село е да биде дел од едукативните часови во училиштата

Катерина Богоева

Неолитското село Тумба Маџари континуирано го привлекува вниманието на граѓаните кои го посетуваат и во зима, а во пресрет на пролетва меѓу новините што доаѓаат од овој музеј на отворено, е и интенцијата да биде дел од едукативните часови на училишната популација во земјава. Иако едукацијата и досега таму е присутна низ различни содржини, сепак, како што вели кораководителката, археологот Елена Стојкова-Канзурова, потребно е поголемо вклучување на сите инволвирани државни институции. „За да може овој простор во кој веќе се вложени финансиски средства, но и многу љубов и желба, да не стане минато време, односно модерна археологија“, потенцира таа.

Најголем дел од средствата во висина од 400.000 денари кои од Министерството за култура се планирани да му бидат доделени на селото според Годишната програма за 2012 година, ќе бидат трансферирани за привремената дневна чуварска служба, која се грижи за неговата безбедност. „Како што е познато, за ноќната служба се грижи Општина Гази Баба на чија територија се наоѓа истоимениот археолошки локалитет и неолитското село. Дел од средствата неопходно ќе бидат потрошени за делумно освежување на некои делови од изградената неолитска станбена архитектура, за обновување на покривите со нов слој на трска, како и за премачкување одредени ѕидни фасадни површини со глина. Потребно е оваа постапка да се врши на две-три години поради влијанијата од временските услови“, вели Канзурова. Таа се надева дека годинава, конечно и ќе профункционира училницата, односно ќе биде уреден ентериерот на објектот во кој треба да бидат поставени и дрвени клупи и маси.

„До Град Скопје аплициравме за средства за изградба на санитарни објекти (тоалети) кои ќе бидат во служба на посетителите. Ова барање, кое наизглед е банално, е неопходно за ова место да стане она што и преферира, туристичка дестинација во главниот град. Инфраструктурата, како и надворешното и внатрешното осветлување, се комплетирани минатата година благодарение на Општината, а во тек е поврзување на селото со главната канализација која се гради во населбата“, рече таа.

На Тумба Маџари досега се изградени четири неолитски куќи со движен и недвижен инвентар, споменатата училница и една сувенирница, која чека соодветни услови за да профункционира.

„Планираме годинава со мала екипа да продолжиме со сондажни археолошки истражувања на просторот. Ќе работиме на горниот дел од повеќебројниот културен хоризонт. Во изминатите години истражувањата и просторно и финансиски беа поголеми од годинава. Лани на повик на Град Скопје неолитското село го посетија скоро сите средни училишта, но најзаинтересирани беа основните училишта. Тука децата во едукативните работилници изработуваа предмети од глина со голем интерес. Поради тоа и сакаме едукацијата да биде составен дел од училишните програми за овде да се држат часовите по праисторија“, рече Канзурова. Таа очекува и годинава здружението „Големата Мајка“, како и лани тука да организира поетски читања. Смета дека бројот на постојните објекти во селото е доволен од едукативен, туристички, а пред се’ од економски аспект за прикажување на сите сегменти од живеењето на неолитскиот човек, кој тука живеел во 6 милениум пр. н.е.

Објавено од: Утрински весник

Comments are closed