Oткриена е женска статуетка; конзервација на системот од кадички/печки

Во последните денови од археолошката кампања на локалитетот Тумба Маџари, откриена е женска статуетка која по повеќе нешта се разликува од досега откриените. Спецификата на оваа статуетка во седечка положба е што е изработена од два материјала, коска и глина.

Неолитскиот мајстор го извајал во глина ова уметничко дело околу една бутна коска од некоја птица. Глината е нанесена околу коската нагласувајќи ги само најважните женски атрибути и карактеристики. Статуетката е претстава на седната жена со издолжена вертикална форма. Главата за жал е скршена. Вратот е долг и преминува во торзото на кое пластично се нагласени мали гради. Рацете се само нагласени. Торзото е тенко и сплескано и поминува во убаво обликуван топкалест задник, со куси нозе само сугерирани. Единствено на статуетката е нагласен задникот, цврст на кого лежи целата тежина на статуетката, со нагласена стеатопигија од кого излегуваат нозете.

Воедно последните денови од овој проект се посветени и на конзервација на системот од кадички/печки откриени 2007 год., а доистражени во овогодишната кампања. Имено екипа конзерватори од Музеј на Македонија под раководство на Бранко Величковки, работи на фиксирање на овие објекти и нивно вадење од земја, за да може подоцна како раритетен и атрактивен наод да се реконструира и ревитализира во постојаната поставка на Музеј на Македонија или во неолитската куќа во Тумба Маџари.

Comments are closed